Како рестораните привлекуваат туристи во современиот свет

Без разлика на дестинацијата и видот на патувањето луѓето кои патуваат неизбежно на својата агенда имаат посета на барем еден од локалните ресторани. Храната и амбиентот претставуваат можност тие да искусат еден дел од културата на народот дури и при краток престој. Во 2014 година 735 650 туристи ја посетиле Македонија, што е за 4.8% повеќе во однос на 2013 година. За 2015 година надлежните институции очекуваат раст од 10% на македонскиот туризам, тоа значи нови можности за бизнисите од угостителската дејност. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат дополнително да ја зголемите посетеноста на вашиот ресторан со цел да прерасне во неизбежна дестинација за туристите во вашето место.

 

Искористете ги можностите кои ги нудат социјалните мрежи.

Кога туристите ќе пристигнат на некоја нова дестинација, Facebook често ја презема нивната локација според податоците од нивниот мобилен уред. Со ова системот на Facebook ги активира рекламите за локалните атракции за тој корисник. Ако се земе во предвид дека 87% од луѓето ги користат нивните смартфони додека се на одмор, ова претставува огромна можност вашата понуда да допре до голем број туристи.

Кога креирате реклама на Facebook може да ги искористите следниве две опции за таргетирање на луѓето кои се наоѓаат во близина на вашето место. People recently in this location: со оваa опција рекламата ќе биде прикажана на луѓе чија последна преземена локација спаѓа во избраната област, вклучувајќи ги и луѓето кои живеат во таа област и туристите.

Втората опција е People traveling in this location: Тука спаѓаат луѓето чија последна локација спаѓа во избраната област и чиј дом е оддалечен 100 милји (160 км) или повеќе од избраната област. На пример доколку изберете област Охрид и опцијата “People traveling in this location“,  кога некое лице, кое на својот профил има избрано дека живее во Истанбул, ќе допатува во Охрид согласно со другите фактори ќе му биде прикажана рекламата за вашиот ресторан. Но истата таа реклама нема да се прикажува на лица кои живеат во Охрид, Битола или другите градови кои се во одредената близина. Со оглед на површината на нашата држава оваа опција би била оптимална за таргетирање на странските туристи.

Дополнително FB нуди опција да ставите “Get Directions” копче на самата реклама со што туристите ќе можат полесно да стигнат до вашата локација. Продолжените викенди и големите празници како 2 Август се совршено време за да го зголемите рекламирањето и да објавите специјални понуди, со што ќе допрете до голем број потенцијални гости за вашиот ресторан.fb targeted ads

Twitter исто така може да служи како значајна бизнис алатка која ќе ви помогне да стигнете до туристите. Со брзо пребарување и објавување твитови со хаштаг кој туристите го следат или користат, бесплатно можете да стигнете до нови потрошувачи. На пример ако менаџирате ресторан во Охрид, користејќи #Ohrid или #LakeOhrid кога твитате специјални промоции ја зголемува шансата да допрете до посетителите на тоа место. Со пребарување на тие хаштагови дури можете и да наидете на луѓе кои директно бараат препораки за ресторан, бар и сл. на кои може да им одговорите со вашата понуда.

Внимавајте на вашата онлајн репутација

Според истражувањето на Brightlocal, 88% од луѓето ги земаат во предвид онлајн критиките при избор на локални бизниси, и исто толкав процент им веруваат на тие критики како на препораките од нивните пријатели и роднини. Странските туристи кога ги планираат своите патувања често ги проверуваат страните како tripadvisor.com за коментари и оценки за локалите во дестинацијата која ќе ја посетат. Доколку има негативни коментари на овие страни треба да одговорите соодветно и да дознаете која е причината за таквото искуство на гостинот. Со самото покажување внимание го подобрувате угледот кај туристите, кои редовно ги посетуваат овие страници, и шансата тие да го посетат вашиот ресторан. 87% од корисниците на Tripadvisor изјавиле дека кога менаџерите ќе одговорат адекватно на негативна критика тоа го подобрува нивниот впечаток за местото.

До овој момент 14 188 оценки и коментари за стотици различни места низ Македонија се достапни на tripadvisor, иако тоа не е мала бројка кога ќе се земе во предвид бројот на туристите потенцијалот е многу поголем. Рестораните треба да бараат фидбек од гостите, ова можеби звучи очигледно но во овој регион е реткост. Тоа може суптилно да го направите со картичка за коментар и порака со која ќе ги потсетите гостите да остават оценка онлајн за нивното искуство во ресторанот. Дополнително може да прашате како тие дознале за вашиот локал со што ќе добиете податоци кои ќе ви помогнат да одредите колку вашите маркетинг напори биле ефикасни.